Горат рентген просториите на Здравствениот дом во Неготино
Пожар избувнал денеска во рентген просториите на Здравствениот дом во Неготино. За среќа пожарот бил навреме изгаснат и нема повредени.
- Пожарникарите реагираа веднаш штом беа повикани и пожарот беше изгаснат. Се утврдува материјалната штета и причините за пожарот, вели командирот на неготинската територијална противпожарна единица, Иле Илиев, пренесува МИА.
Во првата половина од годинава, во Тиквешијата се регистрирани околу 70 пожари, информират од територијалните противпожарни единици од Кавадарци и Неготино.
Неготинските пожарникари во последните шест месеци се соочиле со 21 интервенција.
- Во неготинско и демиркаписко пожар избувна во 9 објекти, пламени јазици се појавија во 8 случаи на отворен простор и два пати во контејнери за отпад. Интервениравме и при две сообраќајни незгоди, вели Илиев.
Пожарникарите пак, од кавадаречката противпожарна служба биле повикани да интервенираат 50 пати. Четириесет од пожарите избувнале во затворен, а пет на отворен простор. Биле гаснети и пет пожари кои избувнале при сообраќајни несреќи.
За разлика од лани, годинава има помалку шумски пожари, но, повеќе пожари во градот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа