Трпески: Граѓаните од дома ќе си порачуваат имотен лист

Граѓаните ќе можат од дома преку интернет да порачаат имотен лист, кој веднаш во електронска форма или по пошта ќе им биде доставен на нивна адреса.

Ова во интервју за МИА го вели директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески. Тој објаснува дека проектот за електронскиот шалтер на Катастарот моментно ги вклучува најголемите корисници на услуги од катастарот на недвижности, нотари, приватни геодетски компании и општини кои имаат 24 часовен електронски пристап до услугите на катастарот.

- Во нареден период со новиот дистрибутивен систем кој е во развој ќе се овозможи 24 часовен пристап на поширок круг професионални корисници (министерства, судови, извршители..) како и граѓани, кои на многу едноставен начин ќе доаѓаат до услугите и податоците од катастарот на недвижности. Така ќе биде овозоможено граѓанинот од дома преку интернет да порача имотен лист и истиот во електронска форма веднаш или по пошта да му биде доставен до неговата адреса  на живеење, вели Трпески за МИА.

Катастарот, објаснува Трпески, досега впишал 95.656 легализирани објекти. Тоа, појаснува, значи дека толку семејства се стекнале со имотен лист за својот објект, што ќе им овозможи наследување на имотот, продажба, заложување во банките за кредити за нови инвестиции, како и да бараат од општините да им ги исполнат сите услови од комуналната сфера, да им се урбанизира локацијата, да им се изгради пат, да им се обезбеди квалитетен приклучок на струја, вода, канализација...

- Во првите 6 месеци од годинава Катастарот има примено вкупно 574.418 предмети од кои нерешени, односно во моментот на креирање на извештајот во постапка на решавање, биле вкупно 2.314 предмети, што претставува оперативна нула. Од јануари оваа година, до почетокот на јули, запишани се вкупно 10.448 хипотеки, додека за истиот период се избришани вкупно 4.673 хипотеки. Севкупно заклучно со мај од  над 900 илјади објекти колку што се запишани во катастарот на недвижности на 72 илјади објекти има запишано хипотеки, што е далеку под европскиот просек и како потенцијал за развој на економијата сеуште не е доволно искористен, наведува Трпески.

Во финална фаза на изработка, додава, е и апликацијата за визуелна прегледност на загадувањето на воздухот, што ќе биде поставена на веб страницата на Катастарот.  За неа се достапни одреден сет архивски податоци за загадувањето на воздухот во Скопје, кои ги обезбедува Министерството за животна средина и просторно планирање, откако претходно се обработени и моделирани согласно метереолошките услови во одреден временски период. Министерството за животна средина работи на подготовка на други податоци за да може истите да се постават на апликацијата. Во апликацијата ќе бидат посочени сите големи загадувачи како и можност да се види моменталната загаденост на воздухот на локациите каде што има мерни станици, најавува директорот на Агенцијата за катастар на недвижности.  

Трпески за МИА говори и за најавените активности на Катастарот во процесот за обезбедување бесплатни геодетски елаборати за легализација  на имотот на корисниците  на  социјална помош и постојана парична помош и за реализацијата на проектот за воспоставување подземен катастар.

11.07.2014 - 08:47
Фото: 
Telegraf.mk
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега