Гостиварчанецот кој загина во Дамаск ќе биде погребан во Сирија - еве што се случува во неговото родно село

28 годишниот Расим Зеќири од гостиварско Беловишта, кој во неделата загина во судири во Дамаск, најверојатно ќе биде погребан во Сирија, објавува Утрински весник. Според неговите соселани, Зеќири оставил аманет, ако загине - таму да биде погребан. Според Утрински, неговото семејство веќе 20 години живее во Австрија. Неговите родители, сопругата, 3 годишниот син и братот живеат во Виена.

-Не дошле во селото со години. Куќата им е празна. Како што разбравме, за две-три недели би требало да дојдат тука, велат жителите на Беловиште за Утрински.

Беловиште е село кое е речиси споено со гостиварската населба Циглана. Најголемиот дел од жителите на селото живеат во Америка, Швајцарија, Германија и Италија. Во селото се враќаат повозрасните кои сакаат своите пензионерски денови да ги поминат во родениот крај, додека пак, младите ги градат кариери во странство. Во Беловиште и околните села живеат најмногу Албанци, но има и голем број Македонци. Тие живеат мирно и сложно. Сепак, објавува Утрински, селаните забележуваат дека меѓу нив се јавуваат радикални струи кои сеуште не зеле силен замав.

Според Утрински, селаните не сакаат да зборуваат гласно за прашањата дали има и други гостиварци што се борат на страната на сириските бунтовници против воените сили на претседателот на државата Башар ал-Асад, каде се регрутираат, каде се обучуваат и дали добиваат ли пари? 

-Исламскиот фундаментализам во Гостивар се ‘пресели‘ од Босна и Херцеговина некаде по крајот на војната во таа земја. Го донесоа дел од гостиварците што живееа таму. Таму беа ‘задоени‘ со радикализмот и од тогаш се обидуваат да го пренесат  врз што е можно поголем број граѓани, велат соговорниците на Утрински весник.

Повеќе на Утрински Весник