Груевски: Во „Монструм“ не им се суди на Албанците туку на извршители на кривично дело

Во случајот „Монструм“ не им се суди на Албанците, како што некој сака да прикаже, туку ова судење е против конкретни лица со имиња и презимиња, за кои има непобитни докази, според првостепениот суд, за тоа што било направено, изјави премиерот Никола Груевски во интервју за втората програма на Македонската телевизија.

- Судењето за случајот „Монструм“ не е судење на Албанците како што некаде можеше да се прочита деновиве и да се слушне. Ова судење е против конкретни лица со имиња, презимиња и со дела за кои еве да речеме постои сомнеж дека ги направиле, пресумција на невиност е додека судската одлука не е финална, така што тезата дека е судење против Албанците е лажна теза, подметната со цел да се создаде лоша атмосфера, да се повлечат повеќе граѓани, да веруваат дека тоа е судење против сите Албанци и дека сите Албанци треба да реагираат. Не! Тоа е судење за конкретни луѓе, конкретни имиња, конкретни презимиња и конкретни дела што се направени и според МВР, Обвинителството и очигледно според одлуката на првостепениот  суд дека има и непобитни докази за тоа што било направено, рече Груевски.

 

Доказите не може да се објават додека не заврши судската постапка

 

За жал, додаде тој, постапката е од таков тип што сите докази не може да се изнесат на виделина, неможе да се кажат затоа што има специфични истражни мерки коишто се правени и затоа што објавувањето на доказите пред да заврши целата постапка и пред самата пресуда да стане извршна ќе ги направи тие докази без правна сила.

 

- Значи доказите се од класифициран карактер, нивното вадење во јавноста може да ја одземе нивната правна сила. Тоа веројатно оние коишто ги организираат насилниот дел од протестите добро го знаат и затоа се обидуваат да наметнат прво теза дека едно време слушав дека докази нема, второ слушнав дека доказите се неубедливи и невалидни. Како може да се неубедливи и невалидни кога тие не се објавени. Кога никој не ги слушнал. Од она што сум го слушал од МВР кажуваат дека истото го мислат и во Обвинителството, очигледно според пресудата и првостепениот суд тие докази се силни, вели Груевски. 

 

Сепак предупредува декаостануваат и други истанци во судската постапка што треба да се сочекаат да ги анализираат уште еднаш тие докази, да ги разгледаат жалбите на обвинетите и да донесат конечна пресуда.

 

- Ние мораме да веруваме во судскиот систем затоа што судскиот систем и Судот е тој и само тој којшто може да одлучува по ова барање. По ова барање неможе да одлучува Влада, не може да одлучува политичка партија, не може да одлучува политичар, не може да одлучува медиум, не може да одлучува странска фондација која поддржува одредени медиуми во Македонија. По ова прашање исклучиво може да одлучува Судот и од тој контекс сакам да додадам дека секое насилно обединување да се изврши притисок на Судот ќе влијае негативно во целиот процес, рече Груевски.

 

Потсети дека во судската постапка беа инволвирани претставници на ОБСЕ и на други меѓународни институции или држави коишто посакаа да имаат свои претставници да го следат судењето така што судењето имаше меѓународни набљудувачи.

 

- Адвокатите на обвинетите и самите обвинети имаат право на жалба и  Вторстепениот суд, Апелациониот суд таа жалба ќе ја разгледа. Јас верувам дека Судот ќе доенсе непристрасна одлука, дека таа одлука ќе биде поткрепена исклучиво на докази и дека нема да подпадне под ничие влијание, рече премиерот.

 

Во првите денови по објавувањето на пресудата, Груевски рече дека слушал различни коментари од луѓе кои сакаа, како што посочи, да долеат дополнително масло на огнот.

 

- Коментари од типот дека тоа е политичка одлука, дека тоа е партиска одлука и кога велат дека е политичка и партиска веројатно мислат дека тоа е нешто од владејачките партии односно од ВМРО-ДПМНЕ. И ние веднаш реагиравме затоа што  ВМРО-ДПМНЕ никогаш не би си дозволила да влијае на суд, а уште помалку пак да влијае во судска постапка во која некој без докази или со неубедливи докази треба да биде осуден на доживотен затвор. Тоа ние никогаш не би си го дозволиле и јас верувам дека Судот нема да дозволи било кој, од било која страна да влијае на него, истакна премиерот. Потенцираше дека секој судија треба да има совест, да држи до својот интегритет и да донесе правична одлука со кја ќе има мирна совест и со која ќе има силна поткрепа во Уставот и во законите.

 

- Одлуката мора да е законска, да е уставна и да се базира на цврсти докази. И јас верувам дека првостепениот суд донел таква одлука, меѓутоа треба да се почека и второстепениот суд да го каже тоа. Веројатно потоа ќе има жалба и пред Врховниот суд така што има сеуште инстанци коишто ќе го разгледуваат случајот, рече Груевски.   

 

Премиерот повтори дека Владата поддржува протести, но не насилни протести во кои се напаѓаат луѓе и институции.

 

- Протестите се демократска придобивка и тие се нормални во секоја демократска земја. Нема земја што има демократија, а што нема протести, тоа го гледаме и преку телевизиите. Така е и во Македонија. Се додека тие се мирни тие протести би ги поддржал во смисла на нивното одржување. Од тој аспект Владата поддржува секој граѓанин кога чувствува дека има потреба да излезе на мирен протест и да ги соопшти неговите размислувања. Притоа протести во коишто се спроведува насилство, се напаѓаат луѓе, се оштетуваат институции, претставуваат закана за животите на луѓето, на полицијата или на кој било друг, такво нешто не се поддржува никаде во светот, независно кој ги организира, кој стои зад нив и кој учествува во толпата, рече премиерот.  

 

Од тој аспект ние како Влада и јас како премиер, потенцираше Груевски, немам ништо против организирање на протести, кои и да се и од кого да се, меѓутоа институциите на системот се одговорни да воведат ред.

 

- Од тој аспект јас уште еднаш ја користам оваа прилика да апелирам до секој оној кој има намера да учествува да се воздржат од употреба на насилни средства, бидејќи на тој начин нема да можат го одбијат она што го зацртале, а само ќе создадат штета на идеите коишто ги имаат зацртано, изјави премиерот.

 

Апел за мирно и разумно однесување до сите граѓани

 

Претседателот на Владата Груевски апелираше граѓаните да не потпаѓаат на дневни манипулации и внимателно да ги следат настаните поврзани со случајот „Монструм“.

 

- Апелирам до граѓаните коишто не се дел од оваа помала група на верски фанатици и радикали под влијание на други подалечни држави и со други цели, ним им апелирам внимателно да го следат процесот, да не потпаѓаат под дневни манипулации на одредени портали или поединечни новинари или медиуми. Некогаш и тие се заведени, некогаш се и дезинформирани, рече Груевски.

 

Треба многу внимателно секој да проценува пред да донесе заклучок, посочи премиерот, изразувајќи  убедување дека времето ќе докаже кој бил во право.

- Убеден сум дека времето ќе докаже кој е во право дали е судот во право или групата насилници коишто се обидоа и повредија многу полицајци. Меѓу повредените полицајци имаше и многу Албанци, рече премиерот Груевски.

10.07.2014 - 21:53
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега