Од Бирото за лекови потврдуваат - Фервекс се повлекува од пазарот
-Бирото за лекови во тек на денешниот ден писмено беше информирано од компанијата Фармасвис ДООЕЛ, која е застапник на производителот Bristol-Myers Squibb Франција дека согласно Законот за лекови и медицински помагала, од нивна страна е одлучено доброволно и превентивно да ги повлече сите серии од производот Fervex за возрасни со шеќер, гранули за перорален раствор (во ќесички), додека Fervex sugar free (гранули за перорална употреба без шеќер) не се засегнати, односно тие гранули не се повлекуваат од производителот и ги има во продажба во аптеките, стои во соопштението на Бирото за лекови.
Повлекувањето, информираат од Бирото, е како превентивна мерка додека трае испитувањето на сите лотови на производот FERVEX®ADULT RASPBERRY, кој не е регистриран во Македонија и никогаш не бил присутен на македонскиот пазар, ниту на пазарот во соседните земји. Овој производ е со слична формулација на гранулите Fervex во ќесички за возрасни кои се присутни и се продаваат на нашиот пазар.
-Од компанијата посочуват дека се преземени сите потребни превентивни мерки и залихата од сите серии од овој производ е повлечена од дистрибутерите на големо, а истото продолжува да се врши и од аптеките во најкраток можен рок, стои во соопштението.
Превентивно и доброволно повлечените производи се складирани во магацин се до добивање на натамошни инструкции на производителот Bristol-Myers Squibb oд Франција.