Италијанското претседателство со ЕУ ќе го интензивира процесот на проширување

Италијанското претседателство со Европската унија, кое започнува утре и ќе трае до 31 декември оваа година, ќе нема негативен пристап кон проширувањето на Унијата и на статусот на Македонија, но ќе пристапи реалистично.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, ова е пораката што неодамна на неофицијално претставување на приоритетите на идното претседателствување со ЕУ, го претставија високи официјални лица на италијанската Постојана мисија во Брисел.

Економски раст и работни места, справување со нелегалните емигранти, енергетска ефикасност и поголема независност на Унијата ќе бидат највисоко на агендата на Италијанците во следните месеци.

Во изјава за МИА, истото го потврдува и Емануеле Бонини, италијански аналитичар за европски прашања од Брисел.

- Се разбира, економски раст, работни места и структурни реформи според флексибилноста што ја истакнаа земјите-членки на последниот Самит на Европскиот совет се највисоко на агендата. Имиграцијата, исто така, за Италија е многу чувствително прашање, како и можноста Италија да побара засилување на работата во однос на единствениот дигитален пазар и енергетското вмрежување поради украинската криза, вели аналитичарот Бонини за МИА.

Во однос на проширувањето на ЕУ, иако италијански амбасадор при Унијата и иден шеф на КОРЕПЕР-работната група на Советот на ЕУ ќе биде поранешниот директор на Директоратот за проширување при Европската комисија, Стефано Санино, ставот на Италијанците е дека ова прашање ќе се третира прагматично.

Во тој поглед, ако не целосно игнорантски однос како досегашното грчко претседателство, тогаш Македонија може да очекува третман како оној на Литванија во втората половина на минатата година. Тогаш, иако Литванците имаа желба да помогнат и ја ставаа земјата на агендата, сепак, тие не вложуваа реален напор за македонски пробив во евроинтеграциите.

Според аналитичарот за престижниот бриселски портал “ЕУ-Њуз”, Бонини, Италија ќе се обиде да стори што е можно повеќе оти земјата секогаш била за проширување и да се даде можност на земјите од Западен Балкан да влезат во Европската унија.

- Италија ќе се обиде, велам ќе се обиде да поработи на ова прашање оти во претстојните шест месеци ќе биде тешко да се постигне реален прогрес во оваа област. На пример, Албанија веќе доби кандидатски статус. А, проблемот на Македонија е грчкото вето заради името на земјата. Италија ќе се обиде да постигне генерален пристап, но во пракса, внатрешните извори од Унијата признаваат дека во следните шест месеци ќе биде тешко да се најде разумен прогрес и затоа тие ќе се обидат да го интензивираат овој процес, дециден е италијанскиот аналитичар за европски прашања.

Претходно, исто така за МИА, високи претставници на Италијанското претседателство, потврдија дека ќе се обидат да и помогнат на Република Македонија да напредува во евроинтеграциите, но со напома дека “земјата мора прво да си помогнете самата на себе”, а во однос на политичките настабилности во земјата.

Еден од приоритетите, но и предизвиците за време на шестмесечното италијанско претседателство со Унијата ќе биде Источното партнерство и привлекувањето на дел од земјите кои граничат со Руската Федерација кон Брисел. Италијанците велат дека ќе треба да се поработи на ова прашање во следните месеци оти има подеми и падови во овој процес. Тие посочуваат дека треба да се донесат многу одлуки и да се прилагодат според развојот на ситуацијата, но дека е тешко да се каже што точно, зависно од ситуацијата на терен, но дека партнерството е на важна патека.

Една од поважните работи со кои ќе се соочи Италијанското претседателство со ЕУ е и изборот на нов претседател на Европската комисија, што е речиси сигурно дека ќе бдие Жан-Клод Јункер, но и избор на целиот Колеџ на комесари, како и наследници на Херман Ван Ромпуј на чело на Европскиот совет, на Кетрин Ештон на местото шеф на европската дипломатија, како и нов претседател на Еврогрупата, која во моментов ја предводи холандскиот министер за финансии, Џером Дајселблом. 

30.06.2014 - 15:39
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа