Руските сепаратисти се согласија за прекин на огнот до 30 јуни

 

Силите на самопрогласените републики Доњецк и Луганск (ДНР и ЛНР) ветуваат дека ќе ги прекинат борбите до 30 јуни, изјави денеска по втората рунда консултации за деескалација на ситуацијата во источна Украина, премиерот на самопрогласената ДНР, Александар Бородај.

Тој посочи и дека се согласува да бидат ослободени и четворицата набљудувачи на Органзацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

- Дознавме дека (претседателот на Украина, Петро) Порошенко одлучи да го продолжи примирјето до 30 јуни и ние од своја страна ги прекинуваме борбите во ист период, посочи Бородај, додавајќи оти сепаратистите нема да ги напуштат контролните пунктови кои се под нивна контрола на границата со Русија.

Тој истакна дека преговорите со Киев ќе почнат откако од територијата на ДНР и на ЛНР ќе се повлече војската.

Бородој не наведувајќи точен датум истакна дека консултациите ќе продолжат.

Сепаратистите преговараат со така наречената контакт група, во која се поранешниот украински претседател Леонид Кучма, рускиот амбасадор во Киев и претсатвници на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Првиот круг од прерговорите беше во понеделникот и заврши со согласноста на сепаратистите за почитување на примирјето, што денеска истече. 

27.06.2014 - 20:39
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега