Само Велика Британија и Унгарија беа „против“ Јункер

 

Жан-Клод Јункер е предложен за кандидат на Европската комисија од страна на Европскио совет, дури откако на денешниот Совет се гласало за да му биде предложен на Европскиот парламент.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, на пресконференција по завршувањето на дводневниот Самит во Брисел, потврди дека Јункер не е избран за наследник на Барозо со едногласност, туку со гласање и квалификувано мнозинство и дека Велика Британија и Унгарија, единствени биле против неговата кандидатура.

- Објавувам дека Советот усвои одлука да му го предложи Јункер на Европарламентот за да биде избран за претседател на Европската комисија. Тоа го сторивме по гласање со квалификувано мнозинство, при што единствено Велика Британија и Унгарија беа против, а сите други 26 шефови на држави гласаа „за“. Одлуката следеше по екстензивни разговори со членовите на Советот и главните групи во ЕП и очекуваме дека парламентот ќе го изгласа нашиот кандидат на 16-ти јули, истакна Ван Ромпуј.

Претседателот на Советот, исто така потврди дека на 16-ти јули ќе има нов состанок на шефовите на ЕУ-земјите на кој ќе се дискутира и за изборот на други топ-места во Европската унија, како што е местото претседател на Европскиот совет, Висок претставник за надворешна и безбедносна политика и нов шеф на Еврогрупата. Со оглед на тоа што Јункер е кандидат на Европските народни партии (ЕПП), се очекува на чело на Советот да дојде кандидат на европските социјал-демократи, при што се споменува премиерката на Данска, Хеле Торнинг Шмит, додека за местото на Кетрин Ештон на чело на европската дипломатија, се споменуваат Карл Билд (Шведска), Радек Шикорски (Полска) и Федерика Могерини (Италија). На чело на Еврогрупата, пак, се очекува да застане кандидат на европските либерали.

Според Ван Ромпуј, денеска бил важен и договорот за истканување на пет приоритети за функционирање на Унијата во следните пет години. Во стратешка агенда, пет приоритети се: силна економија со овозможување на нови работи места, општества заштита на сите граѓани, сигурна енергетска клима, фундаментални права и заедничка акција низ светот.

- Главна цел е да се постави насока за легислативна работа во следните пет години. Овие пет приоритети се водечка акција и планирање во ЕУ-институциите во следните години и насоката тие да работат во блиска сорбаотка, додаде Ван Ромпуј.

Денешниот Самит на Советот посвети внимание и на економските приоритети, при што постоел консензус во собата за патот кон реформа и фискална консолидација, како и инвестицииите потребни за во иднина. Исто така, постои договор за баланс на фискална дисциплина, фискална рамка што ќе се користи за стабилност и економски раст.

Во однос на изборот на Јункер за негов наследник, претседателот на Комисијата, Жозе Мануел Барозо, истакна дека луксембуршкиот политичар го познава повеќе од 20 години, дека работеле во многу области заедно и дека верува оти е „посветен Европеец и политички лидер со извонредно искуство“.

Грчкиот премиер, Андонис Самарас, во име на Грчкото претседателство со ЕУ, чие шестмесечно управување со Советот на Еу завршува на 1 јули, истакна дека изборот на Јункер е главна вест, посочувајќи дека Луксембуржанецот е пасиониран европеец кој може да направи мост во рализчностите и политичар-реалист кој е личност со големо знаење за Европа и нејзините проблеми, како и за европските институции.

- Жан-Клод е човек со вистинска посветеност за помош на европските граѓани и поддршката на Европскито совет за Јункер е важен елемент за Европа, заклучи Самарас.

Како што истакна Ван Ромпуј, Европскиот совет ќе има нов, мини Самит, на 16-ти јули, додека за официјален избор на Јункер на чело на Еврокомисијата, истиот ден во Стразбур ќе гласа Европскиот парламент.

27.06.2014 - 18:27
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега