Жан-Клод Јункер, човек чија ДНК е во Европската унија
Жан-Клод Јункер ќе го заменик Жозе Мануел Барозо на чело на Европската комисија, но кој е всушност новиот шеф на неформалната Влада на Европската унија.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Јункер е роден на 9 декември 1954 година во градчето Реданж во Луксембург. Тој потекнува од работничко семејство, при што неговиот татко бил металски работник и синдикален активист. Во 1979 година, Жан-Клод дипломирал право на Универзитетот во Стразбур, а една година подоцна положил и правосуден испит, иако никогаш не се занимавал со адвокатура.
Во политиката, Јункер влегол многу рано, па на свои 20 години, во 1974 година, се зачленил во Народната хрстијанско-социјална партија (ЦСВ). Десет години подоцна, тој првпат е избран во парламентот на Луксембург и веднаш бил именуван за министер за труд, а потоа бил избиран и за министетр за финансии. Откако тогашниот луксембуршки премиер Жак Сантер е именуван за претседател на Европската комисија во 1995 година, Јункер застанува на чело на Владата на Луксембург, задржувајќи ги ресорите министер за финансии и за труд.
На премиерското место во Големото војводство, Јункер остана 19 години, се до крајот на 2013 година и се смета за еден од најдолговечните европски државници. Притоа, тој учествуваше на сите состаноци на Европскиот совет од 1995 до 2013 година, каде меѓудругите работел и со поранешниот германски канцелар Хелмут Кол и со екс-претседателот на Франција, Франсоа Митеран.
Во 1992 година, Јункер учествуваше и во преговорите за Договорот од Мастрихт со кој тогашната Европска заедница (ЕЗ) стана Европска унија (ЕУ), а тој овозможи и создавање на заедничката европска валута - еврото. Исто така, за неговото време додека беше дле од Советот, основана е и заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата и заедничко правосудство. Јункер беше десет години и на чело на Еврогрупата, форум на сите министри за финансии на земјите во Еврозоната кој по избивањето на финансиската криза стана едно од најважните тела во Европската унија.
Интересно е дека уште во 2004 година, Јункер доби понуда да стане претседател на Европската комисија што тој го одби. Во 2009 година, тој за малку не стана претседател на Европскиот совет, но на неговиот избор на местото кое подоцна го превзема Херман ван Ромпуј, пред пет години вето стави францускиот претседател Никола Саркози поради лична нетрпеливост.
Високите европски политичари го посочуваат како извонредна личност за посредување при компромис, поготово што како и поголемиот дел од Луксембуржаните, Јункер извонредно се служи и со германскиот, но и со францускиот и англискиот јазик. Легендарна е неговата изјава дека „кога сакам да говорам на француски, размислувам на германски и обратно, па затоа на крајот никој не може да ме разбере на двата јазика”. Тоа ја оддава и неговата друга особина, а тоа е извонредната смисла за хумор, која ја искористи и да се оправда за обвинувањата дека многу пие и пуши цигари.
Она што е загрижувачко за Македонија, но и за останатите земји-кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската унија е што неодамна, на прес-конференција по повод кампањата за претседател на Еврокомисијата, на прашање на дописникот на МИА од Брисел во однос на проширувањето на ЕУ, Јункер одговори: - Ниту една земја нема да влезе во Унијата во следните пет години.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа