Од 2022 година нема никаква соработка меѓу македонскиот и бугарскиот архив. Според претседателот на Државниот архив на Бугарија, причината за ваквите состојби се заладените односи меѓу двете држави, но тој нагласува дека бугарската страна останува целосно отворена за соработка.
Во пресрет на 75-годишнината од постоењето на Државниот архив во Македонија, се собраа претставници на 14 архиви од Европа, меѓу кои присутни беа претставици и од архивот на НАТО. Оттаму посочуваат дека во нивните фондови се чуваат значајни документи за Македонија, уште од периодот кога земјата била дел од поранешна Југославија.
Домашниот архив заостанува зад своите меѓународни партнери, оценува директорот. Архивскиот материјал често се чува во несоодветни услови, во простории со зголемена влага, што претставува ризик за негово оштетување. Процесот на дигитализација, пак, сè уште се одвива бавно.
По повод јубилејот – 75 години постоење утрово во Археолошкиот музеј беше промовирана и нова поштенска марка посветена на Државниот архив, додека вечерва во МНТ ќе се одржи свечена академија за јубилејот, под покровителство на премиерот.


