Во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5 телевизија, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски зборуваше за договорот за стратешко партнерство со Велика Британија, финансирањето на брзата пруга и очекуваниот почеток на градежните работи на овој значаен инфраструктурен проект.
-После подолго време, првпат во Македонија се испочитува рок. Имено, сите шест студии требаше да бидат готови до 31 август и ние на истиот датум ги добивме. Што значи дека сега влегуваме во финалната фаза и, ако е сè добро, рокот ќе го запазиме, а тоа е да ги имаме веќе и градежните работи од пролет, рече Николоски.
Одговарајќи на прашањето дали промената на премиерот во Обединетото Кралство може да влијае врз динамиката на реализација на проектот, Николоски нагласи дека станува збор за стратешко партнерство со држава чија политика во оваа област не зависи од промените на владата.
-Во однос на политичкиот контекст, се работи за пресериозна држава, втора најголема сила во НАТО, држава членка на Советот за безбедност на ООН, и таму овие одлуки не се променуваат со промената на влада, посочи Николоски.
Како потврда за континуитетот на стратешкото партнерство, тој најави дека во втората половина на ноември и на почетокот на декември повторно ќе се одржат средби на високо ниво во Лондон.

