Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски оствари работна средба со косовскиот министер за инфраструктура и транспорт Димал Баша.
На средбата присуствуваа и заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири, како и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски.
Главни теми на разговорот беа унапредувањето на билатералната соработка, економската и трговската размена, регионалниот развој и реализацијата на заеднички инфраструктурни проекти.
Двајцата министри се согласија дека односите меѓу Македонија и Косово се добри и конструктивни, истакнувајќи ја важноста за нивно дополнително продлабочување преку конкретни проекти.
Во фокусот на состанокот беше проектот за изградба на патот Тетово-Призрен, за кој работната група од двете земји продолжува со финализирање на дизајнот, по што ќе следи склучување меѓудржавни договори за имплементација.
Вицепремиерот Николоски истакна дека Македонија ја започнува изградбата на автопатската делница Скопје–Блаце, која е од клучна важност за побрз и побезбеден транспорт и поголема економска поврзаност.
На средбата беа отворени и прашањата за повторно воспоставување на железничкиот сообраќај, како и воведувањето на „one stop shop“ односно заедничка гранична железничка станица.
Соговорниците заклучија дека подобрата транспортна поврзаност создава нови можности за економски раст и инвестиции во целиот регион.


