Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески денеска треба да даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши. Со тоа, тој официјално стапува на функцијата, станувајќи деветти републички обвинител од независноста во 1991 година и 19-ти од 1945 година.

Савески е избран вчера во Собранието со 66 гласа „за“, по оставката на неговиот претходник Љупчо Коцевски. Според Законот за јавно обвинителство, неговиот мандат ќе трае шест години, со можност за повторен избор.

Во изјава за МИА, Савески посочи дека негов приоритет ќе биде воведување на поголема отчетност, транспарентност и дигитализација во обвинителскиот систем. Тој нагласи дека клучен проблем не се платите, туку условите за работа, оценувајќи дека „не може сиромашна институција да се бори со богат криминал“.

Најави воведување на дигитален систем за следење на работата на обвинителите, со цел да се спречи т.н. „фиока стоп-систем“ и да се утврдат реалните причини за бавно постапување, како што се недостиг на кадар и ресурси.

Савески истакна дека нема да издвојува конкретен предмет како приоритет, потенцирајќи дека сите случаи се подеднакво важни и дека ќе се постапува неселективно, согласно законите и роковите.

Досега работеше како судија во Основниот кривичен суд Скопје, а за функцијата беше предложен од Владата на 10 март. Во изборниот процес, позитивно мислење добија и други кандидати, меѓу кои Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристовска и Лидија Раичевиќ.

Савески е роден 1976 година во Гостивар и е магистер по казнено право. Има богато професионално искуство како судија, јавен обвинител и правен експерт, како и ангажмани во меѓународни проекти и домашни реформи во правосудството.

Exit mobile version