Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на патот кон членство во Европската Унија, порача хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по синоќешната средба со премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, во Брисел. Пленковиќ истакна дека земјата заслужува јасна ЕУ-перспектива.

На својот налог на „Икс“, Пленковиќ објави дека со Мицкоски размениле мислења за актуелните глобални случувања, геополитичките предизвици, безбедноста на снабдувањето со енергија во Југоисточна Европа и мерките на двете влади за справување со порастот на цените на енергентите. „Мило ми е што се сретнав со премиерот на Северна Македонија во Брисел. Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ,“ напиша Пленковиќ.

Средбата се одржа во рамки на 50-годишнината од формирањето на Европската народна партија во Брисел, каде што ќе се одржи и самит на лидери.

За средбата се огласи и Мицкоски на Фејсбук и напиша: -Во рамки на посетата во Брисел, на маргините на Конгресот на Европската народна партија, остваривме средба со Андреј Пленковиќ.

На средбата беше разменето мислење за актуелните предизвици во Европа, регионалната соработка и европската перспектива, со посебен акцент на унапредување на билатералните односи и партнерството во рамки на европското семејство, напиша Мицкоски.

Мицкоски, кој е во Брисел со делегација на ВМРО-ДПМНЕ до 20 март, на својот профил на Фејсбук истакна дека на средбата биле дискутирани актуелните предизвици во Европа, регионалната соработка и европската перспектива, со посебен акцент на унапредување на билатералните односи и партнерството во рамките на европското семејство.

Премиерот ќе присуствува на конгресот на Европската народна партија, каде што поканети се претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

Exit mobile version