Неколкумина уапсени по заканите за напад на синагога во Германија
Германската полиција уапси неколку лица ден по заканата за напад врз синагогата во Хаген за време на еврејскиот празник Јом Кипур, пишуваат денеска медиумите.
Сѐ уште не е прецизирано колку луѓе се уапсени, но операциите следуваа откога синагогата во Хаген, на запад од земјата, синоќа беше ставена под строг надзор на безбедносните сили поради закана од напад.
Локалната полиција засега не даде потврда за апсењата.
Според одредени германски медиуми, меѓу уапсените е 16-годишен Сириец, а постои сомневање за напад со експлоозив врз синагога, каде што десетици луѓе требаше да го одбележат синоќа Јом Кипур.
Наводно една странска разузнавачка служба ги предупредила германските власти.
Поради ваквата закана, денеска беше откажана и службата по повод Јом Кипур.
Полицијата во Северна Рајна-Вестфалија, каде што се наоѓа градот, синоќа распореди тешко вооружени полицајци околу зградата, а улиците околу синагогата исто така беа блокирани поради можна опасна ситуација поврзана со синагогата во Хаген.
Ова се случува две години по нападот врз синагогата во Хале, исто така за време на празникот Јом Кипур. Осомничениот напаѓач, десничарски екстремист, се обиде да влезе во синагогата за да пука во верниците, но не успеа. Сепак, тој уби две лица на улица и во ресторан пред да биде уапсен.
Макфакс
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа