Комисијата за заштита на конкуренцијата открила индиции за можни прекршувања при откупот на земјоделски и градинарски производи.
Контролите опфатиле повеќе од 30 откупни центри во Гевгелија, Струмица, Кривогаштани и Ресен, а меѓу производите што биле предмет на проверка се пиперката и јаболкото.
Од Комисијата информираат дека преку непосредни увиди и прибирање документација се проверувало како се формираат откупните цени, под кои услови се врши откупот и на кој начин откупните центри ги менуваат цените.
При досегашната анализа биле утврдени одредени индиции кои упатуваат на можни прекршувања на прописите за заштита на конкуренцијата.
Комисијата најавува дека ќе продолжи со детална проверка на прибраните податоци и документација, по што, доколку се потврдат неправилности, ќе бидат преземени соодветни мерки.
Од институцијата велат дека контролите се дел од напорите за обезбедување еднакви услови на пазарот и заштита на сите учесници во откупот.

