Продолжениот викенд ќе помине во знакот на многу топло време, со температури кои во петок и сабота ќе се доближат до 40 степени.
Во петок се очекува сончево и многу жешко време со максимална температура од 39 степени, а чувството на топлина ќе достигнува околу 40 степени. УВ индексот ќе биде висок – 7, па се препорачува претпазливост при подолг престој на отворено.
Во сабота температурата ќе достигне 38 степени, со претежно облачно, но спарно и многу топло време. Чувството на температура ќе биде околу 39 степени, а прогнозата предупредува на зголемен ризик од дехидрација и топлотен удар при подолга изложеност на сонце.
Мало намалување на температурите се очекува во недела, кога максималната ќе достигне околу 36 степени. Ќе има повеќе сончеви периоди, а чувството на топлина ќе биде околу 38 степени.
И во трите дена УВ индексот ќе остане висок, па се препорачува избегнување директна изложеност на сонце во најтоплиот дел од денот, внесување доволно течности и посебно внимание за децата, повозрасните и хронично болните лица.

