НАТО ја потврди својата поддршка за Украина
Во Брисел денеска се одржа состанок на Советот НАТО-Украина (НУЦ) на кој амбасадорите разговараа за безбедносната ситуација во Украина по руското лансирање на експериментална балистичка ракета со среден дострел (ИРБМ) минатата недела.
Високи украински воени претставници го информираа Советот преку видео врска, соопшти Алијансата.
За време на состанокот, сојузниците на НАТО ја потврдија својата поддршка за Украина.
Нападот, чија цел беше Дњепар, се смета за уште еден обид на Русија да го тероризира цивилното население во Украина и да ги заплаши оние кои ја поддржуваат Украина додека таа се брани од незаконската и неиспровоцирана агресија на Русија, нагласи Алијансата. Како што претходно истакна портпаролката на НАТО, Фара Далала, „распоредувањето на оваа способност нема да го промени текот на конфликтот ниту да ги одврати сојузниците на НАТО да ја поддржат Украина“.
Советот НАТО-Украина е форум за консултации меѓу сојузниците и Украина за безбедносни прашања од заеднички интерес, вклучувајќи ја и руската војна. Со состанокот претседаваше вршителот на должноста заменик генерален секретар на НАТО, Борис Руге.
Следниот состанок на Советот НАТО-Украина треба да се одржи за време на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО што ќе се одржи на 3 и 4 декември.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа