Тензиите меѓу Русија и западните сојузници повторно ескалираа откако три руски борбени авиони во петокот го нарушија воздушниот простор на Естонија – земја-членка на НАТО. Инцидентот, кој траел 12 минути, предизвика остри реакции од страна на Северноатлантската алијанса и Европската Унија, кои го оценија дејствието како нова руска „провокација“. Москва, пак, ги негираше обвинувањата и тврди дека не било прекршено меѓународното право.
Како одговор на инцидентот, Северноатлантскиот совет на ниво на амбасадори ќе одржи состанок во рамките на Член 4 од основачкиот договор на НАТО. Овој член предвидува консултации меѓу сојузниците кога некоја од членките се чувствува загрозено.
Истовремено, Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе одржи итен состанок по иницијатива на Естонија, која го опиша нарушувањето на нејзиниот воздушен простор како „флагрантно кршење на меѓународното право“.
Ова е втор сериозен инцидент во рок од неколку недели. Претходно, Полска – исто така членка на НАТО – соопшти дека руски беспилотни летала повеќепати го нарушиле нејзиниот воздушен простор за време на нападите врз Украина. Варшава тој чин го оцени како „агресија“ и побара засилени мерки од Алијансата.
Настаните се случуваат во период на зголемена геополитичка нестабилност и продолжена воена агресија на Русија врз Украина. Дипломатски извори посочуваат дека состанокот на НАТО и итниот состанок на СБ на ОН ќе бидат клучни за понатамошниот одговор на меѓународната заедница кон Русија.