НАкС го поддржа штрајкот на СОНК: Бараме усогласување на платите во високото образование и науката

Независниот академски синдикат (НАкС) го поддржува штрајкот на нашите колеги, просветни работници, коишто се вклучени во воспитно-образовните процеси на децата од предучилишна возраст, во основното и во средното образование. Сметаме дека барањето на Самостојниот синдикат на образованието, науката и културата за усогласување на платите согласно зголемувањето на минималната плата е апсолутно неопходно со цел остварување на правата гарантирани со закон и со колективните договори.

Потсетуваме дека иако НАкС го поздрави покачувањето на минималната плата, со што се подобри положбата на вработените со најниски примања, баравме соодветно зголемување и на платите на останатите вработени.

Зголемувањето на платите за сите вработени, вклучително и за вработените во високото образование и науката е нужно со цел да се избегне воедначување на надоместокот што го добиваат вработените што вршат работа со различна сложеност или различен степен на образование.

Оттука, бараме Министерството за образование и наука да биде одговорен партнер во социјалниот дијалог и веднаш да ги започне разговорите за усогласување на Колективниот договор за високо образование и наука со Законот за минимална плата од февруари 2022 и на тој начин да ја заштити неговата функционалност. Во спротивно, ќе бидеме приморани да преземеме порадикални чекори со цел исполнување на нашите права.

Независниот академски синдикат ќе продолжи да се бори за подобрување на условите за работење во високото образование и науката и подигнување на квалитетот на образовниот процес.

12.04.2022 - 11:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега