Здравствената состојба на министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ засега е стабилна, изјави денес д-р Весна Ќериман Крстиќ, пулмолог на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија, каде што Дачиќ беше примен во среда со билатерална пневмонија.
Таа за ТВ Прва изјави дека се додека е на респиратор, како што е сега, неблагодарно е да се даваат прогнози.
Одговарајќи на прашањето дали има подобрување на здравствената состојба на Дачиќ, таа изјави дека е тешко да се зборува за тоа се додека пациентот е на механичка вентилација бидејќи тогаш, како што објасни, состојбата може да се менува од час во час.
„Засега е стабилен и тоа е добро“, рече Ќериман Крстиќ.
Според неа, прогнози во вакви случаи може да се дадат само кога пациентот ќе се извади од респираторот и ќе почне самостојно да дише.
Помошникот-директор на Клиниката за пулмологија, Спасоје Попевиќ, синоќа изјави дека Дачиќ е на механичка вентилација веќе 48 часа и дека е прерано да се даваат какви било предвидувања кога станува збор за „толку сериозна состојба“.

