Најмалку десет ученички смртно настрадаа во голем пожар што избувна во ученички дом во кенискиот регион Накуру. Спасувачките тимови сè уште се справуваат со последиците на местото на настанот.

Според официјалните информации од тамошните власти, огнот се појавил во текот на ноќта кога децата спиеле во објектот.

Регионалниот полициски начелник, Самуел Ндањи, изјави дека пожарот избувнал ноќеска еден час по полноќ во објектот „Утумиши“ за сместување ученици, а екипи на службите за спасување се уште се на терен.

Пред училишниот комплекс веднаш се собраа голем број загрижени родители кои чекаат информации за своите деца.

„Станува збор за вознемирувачка и трагична ситуација“, изјави окружниот полициски службеник, Масуд Мвинји, пред загрижените родители собрани пред училиштето.

Причината за избувнувањето на пожарот засега останува непозната и е предмет на истрага.

Ова не е прв ваков случај во земјата. Во 2024 година во сличен инцидент при пожар во основно училиште-интернат во округот Нијери загина 21 ученик.

Exit mobile version