Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во гостување во Дневникот на Сител телевизија зборуваше за новиот правилник и ценовник на ЈП Паркинзи на Општина Центар, истакнувајќи дека целта е уредување на состојбите, подобри услови за паркирање и фер пристап за сите жители.
Тој нагласи дека Центар е најфреквентната општина во државата, со голем број возила кои секојдневно транзитираат, но и со сериозен притисок од самите жители врз расположливиот паркинг-простор.
„Првото возило за жителите на Општина Центар останува бесплатно, но второто се наплаќа, а третото возило е луксуз. Нема доволно паркинг места за три или четири автомобили по стан“, изјави Герасимовски.
Тој посочи дека новиот правилник е изработен врз основа на долга анализа и консултации со граѓаните, како и податоци за реалната состојба на терен, при што е утврден значителен дисбаланс меѓу бројот на издадени одобренија и расположливите паркинг-места.
Герасимовски додаде дека целта е да се обезбедат подобри услови за жителите кои имаат реална потреба од паркирање во близина на својот дом, како и да се воспостави поодржлив систем за функционирање на јавното претпријатие.
„За да имаме добра услуга и уреден паркинг-систем, мора да имаме одржливост“, рече тој, додавајќи дека новите правила ќе придонесат за поголем ред и поголема достапност на паркинг-места.
Градоначалникот нагласи дека секоја промена на почеток предизвикува реакции, но очекува новиот модел во наредниот период да даде видливи резултати во насока на подобра урбана мобилност и поорганизиран сообраќаен режим во општината.


