Тешка сообраќајна несреќа се случила рано утрово, околу 6:45 часот, во белградската населба Ѕвездара. На улицата Цветанова Ќуприја, автомобил излетал надвор од коловозот и удрил во жена која во тој момент преминувала улица, при што биле оштетени уште две возила.
Повредената жена веднаш била пренесена на Воено-медицинската академија (ВМА) за укажување на итна медицинска помош.
Според пишувањата на локалната страница „Велики Мокри Луг“, несреќата се случила на аголот меѓу улиците Цветанова Ќуприја и Миомир Дениќ. Првичните информации се потресни — на жената „ѝ била откината ногата под коленото“.
Како можна причина за оваа тешка сообраќајка се наведува дефект во возилото. Наводно, на возачот на автомобилот му се заглавила педалата за гас, по што тој најпрво удрил во два автомобила паркирани на тротоарот, а потоа и во несреќната жена.
Очевидци од местото на настанот раскажуваат за страшните моменти веднаш по ударот. Тие тврдат дека „сцената била ужасна, дека повредената жена викала од болка, имало многу крв на коловозот, а возачот наводно бил во несоодветна обувка за возење – папучи“.
Оваа трагедија повторно го актуелизираше сериозниот инфраструктурен проблем во овој дел од градот. Локалните жители преку социјалните мрежи апелираат дека во улицата Цветанова Ќуприја, како и во околните улици, постои постојан проблем со недостиг на паркинг-места и покрај интензивната изградба на повеќекатници. Поради ова, тротоарите се редовно блокирани со паркирани автомобили, а пешаците секојдневно го ризикуваат својот живот движејќи се по самиот коловоз.


