Најавена дополнителна просторија за издавање готови лични документи во Велес

Во приземјето на Територијалната противпожарна единица  во Велес за неколку дена треба да биде опремена  дополнителна просторија во која службеници на  Одделението за граѓански работи  ќе издаваат  готови лични документи, лична карта, возачка дозвола и пасош.Фотографирањето за добивање лични документи со три пункта за фотографирање и понатаму ќе се одвива во постоечките простории на Одделението за граѓански работи.

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, градоначалникот на Велес Марко Колев и претставници на СВР Велес попладнево во Велес разгледаа две простории за таа намена, едната помошна  просторија на ТППЕ Велес и втората во Граѓанскиот Сервисен центар сместен во Општина Велес. Донесена е одлука за просторијата на ТППЕ, како и да се најде локација за целосна преселба на Одделението за граѓански работи кое, како што беше речено, над 30 години работи во тесни простории и несоодветни услови. 

Министерот Тошковски во изјава оцени дека „состојбата и во ова Одделение за граѓански работи не е сјајна“ и повика пратениците да изгласаат измени на Законот за патни исправи за да се олесни состојбата со патните исправи.

-Гледаме да направиме што можеме за да им го олесниме овој процес на граѓаните и фотографирање и вадење и подигнување  на патни исправи, но сакам македонските граѓани да знаат дека решението на ова патешествие е едно и е многу лесно. Тоа е 61 пратеник да се договорат во Собрание да стиснат едно копче и дадат зелено светло  за измена на Законот за патни исправи како што го изменија Законот за безбедност во сообраќајот. Со тоа и да ги решат сите овие маки и голготи на граѓаните во наредните 10 месеци, а тоа е временскиот период којшто го побаравме како МВР во рамки на разумноста и добро менаџирање да успееме да ги издадеме сите патни исправи  кои треба да ги издадеме и усогласиме  согласно новата Регулатива, рече  министерот Тошковски.

16.02.2024 - 18:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа