Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска го одбележува 23 Март – Светскиот метеоролошки ден, кој секоја година се одбележува во над 190 земји-членки на Светската метеоролошка организација (СМО). Годинава одбележувањето е под мотото „Набљудуваме и мериме денес за побезбедно утре“, со што се потенцира важноста на точни мерења и набљудувања во справувањето со климатските промени и опасните временски појави.

Од УХМР потенцираат дека генералниот секретар на СМО ја истакнува значајната улога на националните хидрометеоролошки служби. Систематското следење на времето, климата и водата, прецизните мерења и квалитетните податоци се основа за системите за рано предупредување и климатските услуги кои спасуваат животи, ја намалуваат штетата и ја поддржуваат долгорочната отпорност на општеството.

Истакнуваат дека организирани мерења во Република Северна Македонија се спроведуваат од 1947 година, кога е основана Хидрометеоролошката служба и воспоставена мрежа на метеоролошки и хидролошки станици. Денес УХМР придонесува со милиони мерења преку Националната метеоролошка и хидролошка мрежа во Светскиот интегриран глобален систем за набљудувања на СМО (WIGOS и WHOS).

Во услови на се почести суши, топлотни бранови, бури и поплави, сигурните метеоролошки и хидролошки податоци директно придонесуваат за заштита на граѓаните и стабилното функционирање на транспортот, енергетиката, земјоделството, управувањето со водите и цивилната заштита. Ваквите информации овозможуваат навремено дејствување и значително намалување на ризиците и штетите врз луѓето, имотот и инфраструктурата, потенцираат од УХМР.

Exit mobile version