Петре Шилегов кој деновиве е во центарот на медиумското внимание по одлуката на СДСМ да го исклучи од партијата, во своето гостување на 4ТВ.мк, даде свој коментар за трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани.

„Кочани не е Њујорк, не е Истанбул, не е Токио. Зборуваме за град со околу 40 илјади жители, каде секој муабет може да се слушне. И сите во оваа држава се виновни, освен локалните обвинители. Мислам дека барем за нијанса се повеќе криви кочанските обвинители, без оглед дали е актуелниот или некој пред него“, изјави Шилегов за 4ТВ.МК.

Вели неговите ставови не се кон поединци и нема ништо против никого, но ако се гради систем, треба да се изгради како што треба.

На 16 март 2025 година, во трагичниот пожар што избувна во дискотеката „Пулс“, животот го загубија 63 лица, меѓу кои имаше и деца, додека повеќе од 200 луѓе беа повредени. Непосредно по несреќата беше одржана итна седница на Советот на Општина Кочани, по што беше прогласена седумдневна жалост – најпрво на локално, а потоа и на државно ниво. Иако првичните информации говореа за 59 загинати и над 150 повредени, по завршувањето на лекувањето на повредените и во рамки на обвинителните постапки, конечниот биланс изнесуваше 63 жртви и повеќе од 200 повредени.

Истрагата покажа дека ноќниот клуб со години функционирал незаконски, без исполнување на основните технички и безбедносни услови, без соодветни дозволи и без почитување на противпожарните стандарди. Во објектот биле вршени реконструкции без стручен надзор, биле употребувани лесно запаливи материјали, а просторот не ги задоволувал ниту основните безбедносни критериуми.

Кобната вечер биле активирани три пиротехнички средства во исто време, насочени кон плафонот обложен со полиуретански сунѓер. Пожарот се проширил за само неколку секунди, а густ чад и паника ги затекнале посетителите во клубот кој имал само еден, недоволно соодветен излез. Поголемиот дел од жртвите загинале обидувајќи се да стигнат до вратата, која не претставувала стандардно евакуациско решение. 

Exit mobile version