На Клиниката за инфективни болести во изминатите 24 часа е примен уште еден 76-годишен пациент кај кого постои сомневање за инфекција со вирусот на Западнонилска треска.

Со ова, бројот на пациенти кои се водат како клинички сомнителни случаи се искачи на седум, додека кај десет лица инфекцијата веќе е лабораториски потврдена.

Од потврдените случаи, тројца пациенти се во критична состојба. Тие се хоспитализирани на Одделот за интензивна нега и се приклучени на механичка вентилација, а нивната здравствена состојба засега останува непроменета.

Сите хоспитализирани пациенти се од Скопје.

Директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана, информираше дека моментално на клиниката се лекуваат 10 пациенти со лабораториски потврдена диагноза. Тој посочи дека најголем ризик од развој на тешка форма на болеста имаат лицата постари од 60 години, пациентите со хронични заболувања и оние со ослабен имунолошки систем.

„Пациентите кои се хоспитализирани кај нас се над 60-годишна возраст и имаат придружни заболувања. Треба да се нагласи дека токму овие категории граѓани се најизложени на потешките форми на болеста. Околу 80 проценти од заразените ја поминуваат инфекцијата лесно или воопшто немаат симптоми“, изјави Цана.

Западнонилската треска е вирусна инфекција што се пренесува преку убод од заразен комарец и не се пренесува од човек на човек. Кај околу 20 проценти од заразените може да се појават треска, главоболка, замор, болки во мускулите, гадење, повраќање, осип и зголемени лимфни јазли, во период од два до 14 дена по убодот.

Кај мал број пациенти, вирусот може да предизвика невроинвазивна форма која се препознава по силна главоболка, висока температура, вкочанет врат, збунетост, тремор или парализа, што бара итна лекарска помош.

За најновиот хоспитализиран пациент, д-р Цана информираше дека за потврда на евентуална невроинвазивна форма се потребни дополнителни анализи на цереброспиналната течност, бидејќи PCR-тестот не е главен стандард за дијагностицирање на оваа форма, па пациентите во меѓувреме се третираат како заболени.

Exit mobile version