Италијанското Министерство за здравство од четврток ќе прогласи највисок степен на предупредување поради екстремни горештини во сите 27 поголеми градови во земјата.

Оваа одлука доаѓа како резултат на силниот топлотен бран кој го зафати регионот.

Прогласениот црвен аларм означува дека високите температури претставуваат сериозен ризик за здравјето на целото население, а не само за ранливите категории граѓани.

Локалните власти им препорачуваат на сите граѓани да избегнуваат престој на сонце и директно изложување на високи температури во периодот од 11 до 18 часот.

Исто така, се апелира населението да останува во затворени простории кога е тоа можно и да внесува доволно течности.

Во одделни делови од Италија живата во термометрите веќе достигнува и до 40 Целзиусови степени.

Според предвидувањата на метеоролозите, значително разладување на времето не се очекува пред претстојниот викенд.

Причина за ваквиот екстремен топлотен бран е засилен северноафрикански антициклон кој во изминатиот период се прошири над поголем дел од европскиот континент.

Exit mobile version