Три жени од Тиквешкиот регион станале жртви на измами во рок од неколку дена, потврдуваат од Секторот за внатрешни работи – Велес. Полицијата апелира на зголемена внимателност.

Во два од случаите, повозрасни жени биле измамени со барање за по 20.000 евра за наводна операција на нивната внука или ќерка, додека во третиот случај, кавадарчанка изгубила речиси 3.000 евра при договарање на заеднички бизнис кој не се реализирал.

На 10 февруари, 72-годишна жена од Неготино пријавила дека непознато лице ѝ се јавило на телефон, претставувајќи се како директор на болница во Велес. ѝ рекол дека нејзината внука се здобила со скршеница и дека е потребно да донира 20.000 евра за операција. Во позадина се слушал плач на жена, за која ѝ рекле дека е нејзината снаа. Кога жената и нејзиниот сопруг пристигнале во болницата, не го нашле лицето и персоналот потврдил дека нема таков пациент, по што сфатиле дека станува збор за измама.

Истовремено, 77-годишна жена пријавила дека непознато лице ѝ се претставило како лекар од Велес и барало 20.000 евра за операција на нејзината ќерка. По разговор со возачот на такси и јавување кај нејзиниот зет, сфатила дека се работи за измама.

  • На 13 февруари, 28-годишна жена од Кавадарци пријавила дека била измамена со 180.000 денари од жена од истиот град, која ѝ ветила заеднички бизнис. Парите ѝ биле предадени лично, но договорот не бил реализиран.

Од СВР – Велес истакнуваат дека се преземаат мерки за расчистување на настаните, а полицијата спровела и превентивни активности за заштита од измами.

Полицијата препорачува да се внимава при комуникација со непознати лица и сите сомнителни случаи да се пријавуваат во најблиската полициска станица.

Една од жртвите изјавила дека измамниците располагаат со лични информации, знаат имиња на роднини и звучат убедливо, што предизвикува голема паника, особено кај повозрасните лица. Таа нагласи дека е важно да не се подлегнува на стрес и паника и да не се носат одлуки под притисок.

Exit mobile version