Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана на заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Полска, Радослав Шикорски, утре ќе оствари работна посета на Република Полска.
Ова е прва билатерална посета на министерот Муцунски на Варшава. Во фокусот на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните односи, особено економската соработка, трговската размена и привлекувањето нови полски инвестиции, како и реафирмирањето на полската поддршка за македонската интеграција во Европската Унија. Воедно, ќе бидат разменети мислења за клучни регионални, европски, глобални и безбедносни прашања.
Во рамки на посетата е предвидена тет-а-тет средба на двајцата министри, по што ќе следи пленарна средба на двете делегации, проследена со заедничка прес-конференција.
…


