Само 14 проценти од градовите во светот имаат воздух што ги исполнува безбедносните стандарди, покажува најновиот извештај за 2025 година на IQAir, пренесува Euronews. Ова претставува дополнително влошување во однос на претходната година и потврдува дека загадувањето останува глобален проблем.
Но, состојбата во Македонија е уште поалармантна.
Според истиот извештај, земјава е рангирана на 34 место во светот и на второ место во Европа според загаденоста со ПМ2,5 честички, веднаш зад Босна и Херцеговина, а пред Србија. Просечната концентрација изнесува 21,2 микрограми на метар кубен, што е три до пет пати над препорачаните граници.
Овие честички, кои се помали од 2,5 микрометри, се особено опасни бидејќи навлегуваат длабоко во белите дробови и можат да предизвикаат сериозни здравствени последици, вклучително и респираторни и кардиоваскуларни заболувања.
Најзагадени градови во Македонија, според извештајот, се Тетово и Струмица, каде концентрациите на ПМ2,5 биле дури пет до седум пати над дозволените граници. Скопје се наоѓа на 113 место на глобалната листа, со просечна вредност од 19,1.
Како и претходните години, најкритични месеци биле зимските – јануари, февруари и декември, додека најчист воздух е регистриран во април и мај.
Euronews наведува дека загадувањето во Европа во 2025 година било дополнително влошено од шумските пожари, прашината од Сахара и согорувањето на фосилни горива, при што источна Европа и Балканот континуирано се издвојуваат како региони со високи нивоа на загадување.
„Позадинското загадување од согорување на фосилни горива – особено во делови од Источна Европа и Балканот – континуирано придонесува за лош квалитет на воздухот“, пренесува Euronews повикувајќи се на податоци од Copernicus.
Глобално, дури 91 процент од земјите не ги исполнуваат препорачаните стандарди за квалитет на воздухот. Само 13 земји и територии во светот се во рамки на дозволените вредности, меѓу кои Исланд, Естонија, Андора, Австралија и неколку островски држави.
Извештајот укажува дека квалитетот на воздухот се влошува поради климатските промени, екстремните временски услови и човечките активности. Во Европа, 2025 година беше обележана и со рекордни пожари и екстремни временски појави, кои дополнително придонеле за загадувањето.
Во такви услови, Македонија останува меѓу најпогодените земји во регионот, што повторно го отвора прашањето за ефективноста на мерките за намалување на загадувањето и потребата од посериозен институционален пристап.


