Во рамки на посетата на Париз, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски остварил средби со советниците на претседателот на Француската Република, Емануел Макрон, задолжени за континентална Европа и Турција, како и за Европа, Бертран Бушвалтер и Алексис Дутертр.
Како што соопшти МНРиНТ, на средбите биле разменети мислења за евроинтегративниот процес и актуелните случувања во регионот и во Европа.
-Министерот се сретна и со директорот на Националниот институт за јавни служби на Француската Република (INSP), Жером Филипини, при што беше потпишана Декларација за намери помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија и INSP. Ова отвора нови можности за соработка во обуката и професионалниот развој на високи државни службеници и дипломати.
-Муцунски се сретна и со министерот делегиран за Европа, Бенџамин Адад, со кого разговарал за натамошно унапредување на билатералните односи, продлабочување на политичкиот дијалог и зајакнување на соработката на владино ниво, со посебен фокус на економската соработка.
Министерот нагласил дека европската интеграција е приоритет на Владата, која е посветена на спроведувањето на Реформската агенда, и дека заедно со Планот за раст тие претставуваат клучни процеси за напредокот на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија.
-Двајцата министри се согласија дека е неопходно забрзување на процесот на евроинтеграција и дека истиот треба да се заснова на мерит-систем. Тие ја нагласија и улогата на Република Северна Македонија како фактор на безбедност и стабилност во регионот, како и важноста на регионалните, европските и глобалните прашања.

