Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево во Охрид го пречека премиерот на Република Србија, Ѓуро Мацут, кој престојува во посета на земјава.

Главен домаќин на посетата на српскиот премиер е претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

Според најавите, во фокусот на средбите и разговорите ќе бидат натамошното унапредување на политичкиот дијалог и продлабочувањето на економската соработка меѓу двете соседни земји.

За доаѓањето на високиот гостин информираше самиот Муцунски преку социјалните мрежи.

„Охрид, како град со исклучително историско, духовно и културно значење, претставува мост меѓу двете земји и соодветно место за средба посветена на пријателството, добрососедството, регионалната стабилност и соработката“, објави Муцунски.

Двете делегации во текот на денот ќе одржат работни средби на кои ќе се разговара за регионалните предизвици и можностите за зајакнување на билатералната соработка.

Exit mobile version