Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се обрати на 14. Пленарна сесија на Меѓународниот парламент за толеранција и мир, која се одржува во Скопје.
Тој порача дека во време на растечки глобални предизвици, толеранцијата, дијалогот и меѓусебното почитување не смеат да останат само декларативни вредности.
Според него, овие принципи мора да станат суштински дел од јавните политики и од институционалната култура.
Муцунски истакна дека нашата држава добро ја разбира вредноста на соживотот, различноста и дијалогот.
Токму затоа, како што потенцираше тој, земјата останува силно посветена на добрососедските односи, регионалната соработка и мултилатерализмот како клучни предуслови за стабилност, развој и европска иднина.
„Иднината не може да се гради врз омраза. Таа се гради врз дијалог, солидарност и меѓусебно почитување“, дециден е Муцунски.
Во рамки на овој меѓународен настан во Скопје, тој оствари и посебна билатерална средба.
Муцунски разговараше со претседателот на Глобалниот совет за толеранција и мир, Ахмед бин Мохамед Алџарван.
На средбата биле детално разгледани можностите за понатамошна соработка во промовирањето на мирот, толеранцијата и меѓукултурниот дијалог на глобално ниво.


