Телото на 67-годишниот Петар било пронајдено во багажникот на семејниот автомобил „мерцедес“ во бугарскиот град Димитровград, откако возилото управувано од 14-годишно момче удрило во контејнер за отпад.

Случајот предизвика бранувања во бугарската јавност. По несреќата, момчето и неговата 32-годишна мајка го напуштиле местото на настанот.

Според пишувањата на бугарскиот портал „24 часа“, 32-годишната жена била сопруга на починатиот, со кого имала две мали деца, а во семејството живеел и нејзиниот син од претходниот брак. Семејството се издржувало од високата пензија на 67-годишниот маж, кој бил и сопственик на куќата во населбата Маријно. Соседите сведочеле за чести расправии меѓу сопружниците, вклучително и во текот на денот во понеделникот.

Истражителите се сомневаат дека злосторството било однапред планирано. Првичните информации укажуваат дека 67-годишниот маж имал убодна рана во пределот на срцето, за што се сомничи сопругата. По нападот, 14-годишниот син ѝ помогнал на мајката да го завиткаат телото во ќебе и да го стават во багажникот, со намера да го фрлат во реката Марица.

Според неофицијални информации од истрагата што ги пренесуваат медиумите, можниот мотив за убиството биле имотот и куќата на починатиот, како и намерата да продолжат да ја земаат неговата пензија.

Меѓутоа, планот пропаднал кога 14-годишното момче изгубило контрола врз автомобилот и удрило во контејнер. Очевидци повикале итна помош, а пристигнатите полициски службеници при обид да го поместат возилото го отвориле багажникот и го пронашле телото.

Полицијата ги привела 32-годишната сопруга и нејзиниот син. При увидот во домот бил пронајден и предметот со кој се претпоставува дека е извршено убиството. Мајката била задржана, додека за момчето и помалите деца е обезбедена полициска заштита. Бугарскиот печат наведува дека мајката ја презела одговорноста за да го заштити синот, чии првични изјави не биле дадени во присуство на адвокат.

Exit mobile version