Полските воздухопловни сили и системите за противвоздушна одбрана беа ставени во состојба на висока готовност рано утрово, како превентивна реакција на новите руски напади врз цели во западна Украина.
Како што пренесува „Полсат њуз“, повикувајќи се на воените власти, за време на операцијата не било регистрирано никакво нарушување на полскиот воздушен простор.
Центарот за владина безбедност (RCB) издаде соодветни предупредувања до жителите на војводствата Лублин и Подкарпатско. Првото предупредување било испратено во 5:28 часот со известување дека ситуацијата се следи и дека воените сили дејствуваат, додека во 5:54 часот граѓаните биле информирани дека опасноста поминала и дека земјата не е во опасност.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека по 1 часот по полноќ ги активирала сите потребни сили и средства преку Центарот за воздушни операции. Копнените системи за воздушна одбрана и радарско извидување исто така биле подигнати на повисоко ниво на готовност.
Пред 6 часот наутро војската објави дека воените операции се завршени и дека сите системи се вратени на редовните активности. Слични превентивни мерки полската армија спроведе и во текот на вчерашниот ден, кога воената авијација беше ангажирана до 21 часот поради нападите во соседството.


