МОН: Потпишан Меморандум за образовна соработка со Косово

 


Министерството за образование и наука на Северна Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово ќе соработуваат во областа на образованието, со фокус на стручното образование и обука, како и на образованието на возрасните.

-Двете ресорни министерки, Весна Јаневска и Арберие Нагавци, денеска во Приштина потпишаа тригодишен Меморандум за разбирање и соработка, којшто предвидува директни контакти на образовните институции, размена на публикации, литература и истражувачки материјали, како и размена на наставници. Со цел подигнување на квалитетот во стручното образование и обука, двете страни ќе разменуваат искуства за реформи во образованието и наставните програми, а средните стручни училишта ќе ги интензивираат меѓусебните контакти преку партнерства и училишни мрежи, додека учениците ќе можат заеднички да учествуваат на разни образовни настани, соопшти МОН.

Во областа на образованието на возрасни, ќе се разменува стручна литература, експерти, ќе можат да се организираат заеднички конференции и настани и се создаваат услови за потесна соработка на посебните центри за образование на возрасни.

-Формализацијата на соработката промовира поголемо взаемно разбирање и придонесува за зајакнување на образовните врски меѓу двете земји преку споделување на ресурси, што е во интерес на подигнување на квалитетот на образованието, на знаењето и вештините на младите, информираат од МОН.

18.11.2024 - 15:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега