Претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, во гостување во емисијата „Анализа“ на ТВ 24 се осврна на посетата на македонската делегација на САД и средбите што ги оствариле во Вашингтон и Њујорк.

Митева оцени дека посетата е значајна за продлабочување на партнерските односи со САД, како и за отворање можности за нови инвестиции и економска соработка. Според неа, средбите со американски претставници покажуваат дека Северна Македонија се перципира како сериозен партнер.

Таа посочи дека делегацијата имала средби на повеќе нивоа – со конгресмени во Вашингтон, со претставници на Стејт департментот во Њујорк, како и со бизнис-заедницата и македонската дијаспора.

„Битно е дали имаме политичка присутност, дали сме една од земјите коишто САД ја гледаат како сериозен партнер, сме, дали се обидувавме да градиме пријателство и да овозможиме идни инвестиции и на економски план – да, и дали оваа Влада работи чесно во делот на дипломатските односи – со сигурност да“, рече Митева.

Во однос на европските интеграции, Митева се осврна на актуелните пречки на патот на земјата кон ЕУ. Таа смета дека состојбата е последица на, како што ги оцени, погрешните политики на претходната власт.

Митева порача дека треба да продолжи дијалогот со европските партнери, да се презентираат позициите на државата и граѓаните и да се бара решение за продолжување на евроинтегративниот процес, притоа, како што нагласи, да се заштитат националните интереси.

„Ние сме политичари кои се свесни дека мора да направат нешто да помогнат во решавање на овој процес со заштита на македонските национални интереси и заради тоа ќе продолжиме континуирано да бараме дијалог“, истакна Митева.

Exit mobile version