Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, упати честитка до американскиот народ и до Владата на САД по повод историскиот јубилеј – 250 години од Денот на независноста.

Во честитката испратена во негово лично име и во име на Министерството за јавна администрација, Минчев нагласува дека овој ден претставува цивилизациски белег на модерната државност и институционалната еволуција на една нација која низ вековите изгради уставен поредок заснован на слобода, легитимитет и владеење на правото.

„Во изминатите два и пол века, САД се етаблираа како глобален носител на демократскиот плурализам, институционалната отпорност и политичката предвидливост, со силно влијание врз обликувањето на меѓународниот систем и современите демократски стандарди“, истакнува министерот Минчев.

Тој додава дека Република Македонија високо го вреднува своето стратешко партнерство со САД. Според него, ова партнерство претставува темелна оска на нашата надворешна политика и клучен фактор за стабилност, безбедност и за процесот на приближување кон евроатлантските структури, врз основа на заеднички вредности како демократија, владеење на правото и институционален интегритет.

Во овој контекст, министерот Минчев посебно ја нагласува улогата на реформите во јавната администрација како суштински столб на современото државно управување.

„Поддршката и соработката со САД во насока на јакнење на административните капацитети, дигиталната трансформација и унапредување на доброто управување претставуваат значаен импулс за создавање ефикасни, транспарентни и сервисно ориентирани институции“, посочува тој.

На крајот од честитката, министерот за јавна администрација упатува искрени желби за понатамошен развој, единство и просперитет на американскиот народ.

Exit mobile version