Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, денеска ја истакна важноста на тековниот месец јули во контекст на проценките што Европската комисија ги прави за земјите кандидати од регионот. Според неговите информации, Македонија е меѓу земјите кои бележат позитивни резултати во исполнувањето на обврските од Планот за раст.
Милошоски посочи дека проценката на Европската комисија за Македонија е позитивна, заедно со Албанија и Црна Гора, додека другите земји кандидати од регионот покажуваат назадување во споредба со зацртаната Реформска агенда.
„Оваа потврда на Европската комисија дека Македонија ги спроведува реформите од Реформската агенда е голем мотив да продолжиме и да го забрзаме овој пат. Но исто така оваа потврда е демант на спиновите коишто ги шири Венко Филипче дека Македонија не исполнува реформски цели“, изјави пратеникот Милошоски.
Тој упати и директен апел до претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, повикувајќи го да покаже прагматичност, да ги стави државните интереси на прво место и да ги уважи потребите на македонските граѓани во дијаспората. Милошоски потенцираше дека е неопходно да се усвои Изборниот законик, кој е составен дел од Реформската агенда.
„Она што досега го имаме договорено во работната група во Министерството за правда е резултат на еден широк прагматичен консензус каде што никој не наметнувал било какво решение, напротив, сме стигнале до заеднички јазик согласно одредени стандарди предвидени од ОБСЕ и ОДИХР“, нагласува Милошоски.
Во однос на финансиската поддршка, пратеникот ја поздрави заложбата на Европската комисија за поврзување на реформските цели со алокацијата на европските средства. Тој најави дека до крајот на јули се очекува предлог со кој дел од парите наменети за земјите што заостануваат, да бидат пренасочени кон земјите кои предничат во реформите – Македонија, Албанија и Црна Гора.
На крајот, Милошоски упати благодарност до делегацијата на Европската комисија во Скопје, предводена од амбасадорот Михалис Рокас, за нивната секојдневна соработка со министерствата со цел Македонија да ја задржи позицијата на предводник во евроинтеграциите на Западен Балкан.


