Мицкоски: Власта да не го бојкотира референдумот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, при денешната посета во општина Петровец во која се постави камен темелник на новата општинска зграда, одговараше на новинарско прашање поврзано со најавениот референдум и можниот консензус за усогласено референдумско прашање. Мицкоски рече дека што се однесува до референдумското прашање, консултациите со експертите конвергираат кон тоа што и самиот претседател Стево Пендаровски го кажал, и се многу блиску до таа содржина која што ја претседателот ја кажал. Мицкоски рече дека очекува од Пендаровски да излезе со став во јавноста дека заедно со неговите соработници ќе излезе на референдумот и ќе го поддржи според своето убедување.

- Очекувам Пендаровски да излезе јавно со став со своите соработници ќе излезе на референдумот и ќе го поддржи, ќе гласа, а ќе гласа нормално според своето убедување  -дали треба да продолжиме под овие услови, под услови на диктат или ќе треба да продолжиме под некои поинакви услови кои ние како ВМРО-ДПМНЕ и останатите би рекол, опозициски партии но и други кои се партии во власта и слободномислечки пратеници мислат дека треба да продолжи Македонија. Односно, да не бидеме под диктат, под закана за асимилација во 21 век повторно, во современа Европа, во Европа во која што треба да има рамноправност, во која ќе треба вредностите да победуваат и демократските вредности се разбира, вредностите на 21 век, ние сѐ уште да се плашиме и да се бориме за нашиот идентитет. Така што, тоа е одговорот на вашето прашање поврзано со референдумот. Очекувам поддршка од претседателот Пендаровски, но очекувам поддршка и од останатите политички партии да излеземе и да видиме каква иднина треба да има нашата Македонија – рече Мицкоски.

Во врска со изборите, Мицкоски рече дека тие се на ставот дека оваа влада е исклучително корумпирана, неспособна и нема визија и треба час поскоро да замине и затоа било кој термин кој не може да се доведе во врска со референдумското изјаснување за нив е добредојден и подготвени се да излезат на избори и освојат мнозинство, мнозинство во кое ќе нема уцени и ќе се исправат грешките кои се случија во изминатите пет години. Во однос на активната блокада, Мицкоски рече дека се спречиле многу законски решенија како на пример злоупотребата на опојните дроги, измените во законот за работни односи со кој требаше на голем број партиски судии и обвинители да им се продолжи работниот стаж, законот за коцкање и уште многу закони кои активната блокада ги спречила.

30.07.2022 - 13:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега