По советот од Европската комисија, дијалогот со Бугарија е почнат, меѓународните партнери се запознаени со содржината, продолжуваме да разговараме и кога ќе биде постигнат напредок ќе ги информираме граѓаните. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски на новинарски прашања по средбата на шефовите на дипломатиите на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова во Софија и обидите за деблокада на евроинтеграциите на Македонија.
По сингалите од Софија дека нема репреговарање и уставни измени со одложено дејство, премиерот денеска беше прашан каде го гледа излезот од ваквата блокада.
„Во разговор, во дијалог, тоа е убавината на демократијата кога ќе разговарате и ќе водите дијалог. Јас се радувам што тој дијалог почна, се радувам што за дијалогот се запознаени нашите партнери. Тоа е убавината во демократијата, да разговарате кога имате различни ставови, а умешноста во демократијата е кога тие различни ставови ќе ги приближите и на крај ќе дојдете до компромис. Очекувам дијалогот да продолжи да се води и во одреден момент ставовите да се приближат и да дојдеме до решение“,рече Мицкоски.
На прашање пак, дали е можна нова средба до декемврискиот самит, Мицкоски одговори:
„Да оставиме процесот да се движи по природен пат. За се што треба јавноста да знае, ќе знае на време.“


