Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција даде детален одговор на прашањето зошто Владата го избра моделот на намалување на ДДВ-то од 18 на 10 проценти, наместо барањата за намалување на акцизата. Според премиерот, главната пречка за акцизата е законската регулатива, додека ДДВ-то нуди побрза и подиректна помош за граѓаните.
Мицкоски појасни дека акцизата е фиксна давачка регулирана со закон и нејзиното менување бара долги собраниски процедури кои не можат да одговорат на итноста на кризата.
„Акцизата е фиксна категорија регулирана со закон и нејзиното менување во услови на ваква брза криза е покомплексен процес. Од друга страна, ДДВ-то е варијабилно и со неговото намалување на 10%, а понатаму и на 5% доколку има потреба, директно го амортизираме ценовниот шок без да ја загрозиме фискалната стабилност на подолг рок“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека Владата претпочита мерки кои веднаш ќе се рефлектираат на бензинските пумпи, наместо популистички предлози кои би заглавиле во лавиринтите на бирократијата.


