Премиерот Христијан Мицкоски остро реагираше по одлуката на Врховниот суд да ја укине пресудата за случајот „Ласкарци“, а во ист период и пресудата за Стевчо Јакимовски, оценувајќи дека дел од судиите и обвинителите и натаму, како што рече, ги штитат луѓето од претходната власт.
„Тоа се рецидиви и остатоци, мал дел од претходната влада на СДСМ и ДУИ и тоа е последниот ресорт за заштита на таа влада и на луѓето кои беа дел од таа влада. Гледате како грчевито се борат, ги амнестираат. Таков беше случајот со модуларната болница, така и сега со Ласкарци“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека во случајот „Ласкарци“ има голем број жртви и луѓе со траен инвалидитет и оцени дека тоа мора да биде доволна причина правосудството да застане, како што рече, на страната на правдата.
„Имаме триесетина жртви, имаме многу луѓе кои имаат траен инвалидитет, но за жал тоа не е доволна причина за овие малкумина судии и обвинители да застанат на страната на правдата. Сепак, тие остануваат да бидат верни слуги на тие кои во минатото ги поставиле“, рече премиерот.
Мицкоски додаде дека ваквите одлуки, според него, создаваат недоверба кон целиот правосуден систем и ги ставаат во сенка судиите и обвинителите кои професионално ја вршат својата работа.
„За жал, овие малкумина судии ги контаминираат сите оние чесни судии и обвинители кои се во нашиот правосуден систем. Добро е и моите колеги од Европската унија да ги следат овие примери и да видат, кога зборуваме за правосудството, со кого ние имаме работа и со кого во суштина имаме предизвик да се бориме“, изјави Мицкоски.
Тој оцени дека борбата со ваквите состојби понекогаш изгледа како „донкихотовска битка“.
„Понекогаш имам чувство дека со ветерници се бориме, како сето тоа да е донкихотовска битка. Вие бркате, затворате, тие ги пуштаат на слобода луѓе за кои постои основано сомневање, односно правосилна судска пресуда, и како последица на нивното работење имаме повеќе десетици мртви, како ништо да не било“, рече премиерот.
Мицкоски порача дека Владата нема да се откаже од, како што рече, борбата за правда.
„Тоа е едно големо разочарување, но тука не се откажуваме и нема да очајуваме. Ќе продолжиме да се бориме. Правдата мора на крај да победи и ќе победи“, изјави Мицкоски.


