Премиерот Христијан Мицкоски денеска во 16:45 часот ќе одржи средба со претставниците на Синдикатот на УПОЗ. Состанокот доаѓа откако Синдикатот ја оцени како прифатлива владината понуда за раст на платите, за која веќе се вршат внатрешни консултации низ синдикалните организации.
Претходно, предлогот на Владата доби поддршка и од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), предводена од Благоја Ралповски. Премиерот истакна дека извршната власт веќе има подготвено формула за етапно зголемување на примањата во јавната администрација, која според него, нуди поголем раст отколку самото усогласување со минималната плата.
Мицкоски вчера потврди дека дијалогот трае подолго време и дека Владата е подготвена за финализирање на процесот:
„Најголем дел од претставниците на синдикатите, и репрезентативните и од гранковите, се согласни со таа позиција на Владата, со неколку исклучоци. Формулата што ја нуди Владата во врска со тоа како ќе следи покачувањето на платите на административците етапно ќе значи повисоки примања за нив, а не само за онолку средства колку што ќе расте минималната плата“, изјави премиерот.
Тој додаде дека понудата е на маса повеќе од една година и изрази подготвеност за потпишување на новиот колективен договор за државните службеници.

