Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција ги презентираше најновите резултати објавени од Државниот завод за статистика, кои се однесуваат на економскиот напредок на земјава. Тој потенцираше дека растот на Бруто-домашниот производ (БДП) ја позиционира државата меѓу првите пет во Европа.
Премиерот истакна дека е свесен за тешките околности со кои се соочуваат граѓаните, но порача дека целта на Владата е да се бори за подобар живот. Тој образложи три клучни статистички параметри, нагласувајќи го првиот индикатор кој доаѓа од европската статистичка канцеларија.
„Вредноста на растот на БДП според Еуростат, значи ова не вели Владата, не Христијан, не партиите туку Еуростат. Според Еуростат дадени се државите според остварениот раст на БДП, бројка како процент од БДП и ќе забалежите дека ние сме на 5тото место споредено со државите за кои што растот од страна на Еуростат е објавен, но веднаш позади Малта, Полска, Србија се наоѓаме ние практично. Ако се анализираат табелите коишто ги објавува Еуростат ќе дојдеме до заклучок дека седмиот квартал по ред повторно откако се консолидирани институциите остваруваме како Влада рaст на БДП којшто се наоѓа најпрво во првата половина на Европа, а потоа и во првите пет земји во Европа според Еуростат.“
Како втор важен економски параметар Мицкоски го посочи растот на индустриското производство во изминатиот период, во услови на голема глобална енергетска криза.
„…во Април месец оваа година индустриското производство порасна за цели 7,6% споредено со Април месец минатата година. И со тоа во првите четири месеци од годината, во првата третина од 2026та година како ретко која држава во Европа имаме индустриско производство коешто ни е во позитива, мала, 0,2 %, но не е во негатива во услови кога ја имаме најголемата, епски, енергетска криза во светот која што според сите познавачи од оваа област е поголема и од енергетските кризи во 70тите години од минатиот век и онаа енергетска криза од 2022 година кога започна војната во Украина.“
Како трет столб на економскиот напредок, премиерот го наведе зголемувањето на бројот на новоотворени работни места во изминатиот 21 месец од мандатот на власта.
„Бројката на вработени е зголемена во првите 21 месец од работењето на оваа Влада; зашто велиме во првите 21 месец ? Затоа што стапката на вработени на крајот од Март 26та година е 707. 385, додека пак кога беше избрана Владата во Јуни 2024тата а тоа е крајот на вториот квартал, бројот на вработени беше 691.736 или отприлика цели 17.000 односно ако добро пресметоме 16 илјади нови креирани нови работни места.“
На крајот од своето обраќање, Мицкоски порача дека економскиот раст не е само статистика, туку доказ за посветената работа, најавувајќи уште посилно темпо и фокус на привлекување инвестиции и повисок стандард во следниот период.


