Цената на електричната енергија до крајот на годината ќе остане иста, а Владата ќе се бори таа да не се промени и по 1 јануари, изјави денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на новото основно училиште во скопската населба Ченто, премиерот ја нагласи посветеноста за одржување на енергетската стабилност.

„Приоритет на оваа Влада е да ја одржи енергетската стабилност. Ние тоа го правиме во услови на најголема енергетска криза во светот што човештвото ја памети. Секаде во регионот и во Европа цените на енергентите пробиваат рекорди. Веќе имаме држави во Европа, каде што цената на дизелот и безоловниот е поголема од 3 евра за литар. Ние сè уште сме под 1,6 евро за литар благодарение на политиките на Владата. Во таа насока планираме да продолжиме и кога станува збор за електрична енергија. Се бориме и она кое што е наш приоритет да остане цената иста, да нема зголемување. Тоа впрочем го правиме во три регулаторни периоди. АД ЕСМ не е единствена којшто бара нивелирање на цени, тука се уште неколку компании, тука е операторот, тука е дистрибутерот, тоа е приватна компанија ЕВН. Можеби треба и нив да ги прашате како тие ќе се однесуваат“, изјави Мицкоски.

Премиерот не се согласи со ставот дека цената на електричната енергија зависи исклучиво од АД ЕСМ и одговори дека нема да се понуди помала цена од 65 евра.

„Не, во овие услови какви што се денеска на берзите и 65 е трипати пониска од таа што ја плаќаат во соседството и граѓаните во Европа“, истакна тој.

Мицкоски повтори дека цената нема да се менува до декември, додека за одлуките кои ќе важат од почетокот на следната година ги посочи сите чинители во енергетскиот сектор.

„Од 1 јануари да почекаме што ќе кажат енергетските компании, па ќе видиме. Јас не можам да ја прејудицирам одлуката на Регулаторната комисија“, додаде премиерот.

Воедно, тој потврди дека Владата во моментов не планира измени во тарифните блокови за електрична енергија.

Exit mobile version