Убеден сум дека заедно со идниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски сето она кое што беше пропуштено изминатите 4, па и пошироко 8 години ќе го надоместиме и ќе направиме навистина Скопје да биде градот убав, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за емисијата „360 Степени“.
Претседателот Мицкоски истакна дека кандидатот за градоначалник на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски е докажан, односно како што рече тој е вреден и амбициозен, докажал дека ги решава проблемите, а не бега од нив.
За разлика од Арсовска, Орце е човек кој што го познавам од најмладите години, уште како член на УМС, тој израсна во навистина еден човек на кој што можеме да се потпреме, да му веруваме, амбициозен. Човек кој нуди решенија за проблемите и човек кој што ги решава проблемите, не ги заобиколува, не бега, вреден, чесен и тоа го покажа како градоначалник на Општина Кисела Вода. И јас сум убеден дека со својот пристап уште во првите минути од моментот кога ќе ја преземе позицијата градоначалник на Град Скопје ќе покаже разлика, а заедно ќе направиме историска разлика споредено со сето она искуство кое што го имаме од минатото, посочи Мицкоски и ги повика скопјани да ја дадат довербата за Ѓорѓиевски уште во првиот круг се со цел веднаш да се зафати со работа.
Па јас се надевам и врз основа на нашите анализи дека многу сме блиску на завршување на работата уште во првиот круг. Јас би ги повикал скопјани уште во првиот круг да ја дадат довербата на Орце Ѓорѓиевски побрзо да можеме да се зафатиме со работа, да ги засукаме ракавите и да го расчистиме сето она кое што ќе го затекнеме, порача Мицкоски.
Во однос на проблемите со јавниот превоз Мицкоски нагласи дека не се откажува од брзиот транспортен систем или познат како БРТ, но дека истиот ќе треба да се модифицира.
Имаме еден проект од минатото за брзиот транспортен систем или познат како БРТ, од тој не се откажуваме, но ќе биде истиот модифициран, затоа што таков каков што е предвиден, на таа траса која што треба источниот со западниот дел на градот да го поврзи и да заврши со Ѓорче Петров, цениме дека треба да продолжи најмалку до Сарај, да се изнајде техничко решение. Истовремено да се развива и другата линија север – југ која што треба да го поврзе практично Бутел со Кисела Вода и тој дел на градот до Драчево. Така што од тоа, апсолутно не се откажуваме, треба со европските финансиски институции да ги обновиме разговорите, дали се уште стои тој заем, дали можеме да го модифицираме заеднички техничкото решение, да не уништуваме зеленило. Мислам дека во неколку месеци можеме тоа да го операционализираме доколку постои расположение од другата страна и веднаш да тргнеме со допроектирање, очекувам реално 2026, 2027 да почнат теренските активности, вели тој.