Германскиот канцелар Фридрих Мерц остро реагираше на критиките упатени кон Европската Унија во неодамна објавената Стратегија за национална безбедност на САД. „Не ни требаат Американците за да ја спасиме демократијата во Европа“, порача Мерц, оценувајќи дека одредени делови од документот се „неприфатливи“ за европските партнери.
Изјавата доаѓа во чувствителен дипломатски момент, во период кога Вашингтон и Брисел се обидуваат да пронајдат заедничка линија околу решавањето на конфликтот во Украина. Дополнителни тензии предизвика и неодамнешната казна на Европската комисија против компанијата X, што беше дочекано со критики од американска страна.
Во стратегискиот документ, САД предупредуваат на можен економски пад и „цивилизациско уништување“ на Европа, дури предвидувајќи дека континентот би можел да стане „непрепознатлив за 20 години или помалку“ доколку актуелните трендови продолжат.
Мерц, пак, уверува дека Европа располага со капацитети и ресурси за самостојно да ја заштити својата демократија и безбедност, истакнувајќи ја потребата за зајакнување на независната улога на континентот во глобалните процеси.

